Советниците изгласаа: 28-катница во близина на „Букурешт“ во скопски Карпош нема да има!

„Нов пораз на урбанистичката мафија во Општина Карпош. Без присуство на советниците на СДС и ГРОМ, изгласана точката за спречување на висококатницата во Карпош“, соопшти на својот фејсбук профил Мартин Димоски, постирајќи пост на Левица.

Вчера, без присуство на советниците од СДСМ и од ГРОМ, и се одржала седница на Советот на Општина Карпош на која како единствена точка на дневен ред била предлог-одлуката за задолжување на градоначалникот и на Општината да стопираат издавање градежни дозволи, забрана за започнување градба и спроведување ревизија на ДУП за градскиот кварт З 05 блок 08.

Со 12 гласа „за“, полноправно е донесена одлука со која се забранува издавање дозвола за градба во делот каде што е предвидена изградба на 28-катница, во близина на поликлиниката „Букурешт“.

Се очекува Општината да ја испочитува одлуката и да ја објави во „Службен гласник“ на Општина Карпош, со што ќе стане правосилна. 

Оваа одлука наиде на поздрав кај поголем број жители на оваа скопска општина кои беа против изградбата на како што велат „бетонското чудовиште“ во овој дел од општината.