Сонична младост, ПМГ Рекордингс фестивал 8

ПМГ Рекордингс е формирана во 1998, тогаш оваа година слави 20 години работа. Импозантен јубилеј за македонска независна културна институција, вреден за прослава со доза на еуфорија.  Фестивал на 3 подиуми за танц, 14 екстраординарни артисти/бендови, бесплатен влез и социјалната инфраструктура на МКЦ Скопје, во рамките на лудата Бела Ноќ. 

Би биле комплетно будали да го пропуштите Terry Francis, де факто најуспешниот гостински диск џокеј, кој 20 години редовно се враќа во Скопје да направи луда журка. Особено е возбудливо присуството на еден од најсвежите и модерни регионални бендови, Svemirko од Загреб, Хрватска. „Не сум твој тип” е без дискусија хитот на годината кај нас, а Duper за прв пат на овој фестивал ќе излезат во живо, што му доаѓа како историски настан.

Стариот пријател диџеј Lale Happy People, нашиот белградски дом, ќе ги загрее срцата на постарите клабери. Младинската организација при ПМГ ќе истрча во состав: мистериозната Galatheia и фанатастичните The Local Blue. PMG Kolektiv, Robotek, Nino Naumov, Violeta Kachakova, Dushko Janevski и Boxitron се добро познати имиња и артисти кои резонираат директно од јадрото на ПМГ Рекординигс сите овие години. Повеќе од солиден пакет за вашите фини ушни школки и софистицирани духовни потреби.

Значи, во сабота на 6 октомври во 20:00 часот пред МКЦ се случува ПМГ Рекордингс Фестивал 8.