Скопските училишта далеку отскокнуваат од останатите во државата - најразвиени се во општините Карпош и Центар

Скопските училишта далеку отскокнуваат од останатите во Републикава во поглед на инфраструктурниот развој и техничко-технолошката опременост.

Според резултатите од истражувањето што го направи Здружението на млади аналитичари и истражувачи, ЗМАИ Скопје, инфраструктурно најразвиени основни училишта се во општините Карпош и Центар, а најслабо развиени се во Чешиново-Облешево и во Пласница.

Како што објаснуваат од ЗМАИ Скопје, во истражувањето се опфатени 90 проценти од основните училишта, подеднакво во урбаните и во руралните средини.

– Во 29 основни училишта и подрачни основни училишта каде учат 1.335 ученици нема санитарни јазли. Оваа состојба мора под итно да се промени и за оваа цел се потребни околу 400.000 евра. Исто така, третина од училиштата немаат интернет пристап во училишната зграда што ги става во нерамноправна положба овие ученици со нивните врсници во другите училишта. Факт е и дека има недостатокот на машини за чистење (мултифункционални) во голем број училишта (само 1 во 10 училишта имаат машини за чистење) – велат од ЗМАИ Скопје.

За Соња Палчева Косева, раководител на одделение за јавни дејности во општина Ѓорче Петров, податоците од истражувањето се фрапантни и дека треба да бидат ставени како приоритетни за решавање на Министерството за образование и наука.

– Моменталната ситуација е посериозна и важно е да се истражи квалитетот и колку се користат работите кои се имаат во училиштата – рече таа посочувајќи дека во Ѓорче Петров смарт табли има секое школо, но прашање е колку тие се користат.

Според неа, фалат податоци за децата со посебни потреби и потребен е и податок за кабинетската настава.

Истражувањето покажа дека во скопскиот регион има 39 училишта каде има продолжен престој, а само во три училишта во Чаир која е најгусто населената општина во Европа. Во оваа општина учат и по 39 ученици во еден клас и таа состојба мора да се промени.

– Во изминатите 10 години во сите испитани училишта на ниво на Македонија се инвестирани вкупно 36.842.216 евра. По идентификувањето на состојбата во училиштата во однос на тоа што поседуваат од инфраструктура и техничка опрема направена е реална процена на потребните инвестиции за унапредување на развојот на основните образовни установи. Оттука произлегува дека во основните училишта за унапредување на инфраструктурата и нивната техничко-технолошка опременост потребно е да се инвестираат 165.228.048 евра – велат од ЗМАИ Скопје.

Инвестициите се однесуваат на изградба на надворешни спортски терени во училиштата кои немаат спортски терени; изградба на фискултурни сали во основните училишта без фискултурни сали; изградба на библиотеки во училиштата во кои нема библиотеки; изградба на кујна и трпезарија во сите основни училишта кои имаат наведено дека немаат кујна и трпезарија; изградба на санитарни јазли во сите училишта кои имаат наведено дека немаат санитарни јазли; процена на потребните инвестиции да се набават СМАРТ табли за сите училници во училиштата кои немаат вакви табли; процена на потребните инвестиции да се воведе интернет и сметки за интернет на годишно ниво и слично.

Од спроведеното истражување на ниво на Македонија во испитаните училишта се запишани вкупно 169.559 ученици во учебната 2017/2018 година. Како регион со најмногу ученици е Скопскиот кој има 58.299 ученици или 34,43% од вкупниот број на ученици. Општина со најголем број на ученици е Куманово со 9.529 ученици, или 5,61% од вкупниот број на ученици на ниво на Република Македонија.