Сите училишта во општина Кисела Вода добиваат фотоволтаици

Дoговор за заедничка инвестиција во фотоволтаици, енергетска ефикасност и заштита на човековата околина потпишаа градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски и директорот на Центар за развој на Скопски плански регион, Јане Мицевски. Со озваничувањето на овој документ, сите училишта во општина Кисела Вода добиваат фотоволтаици, со што самостојно ќе можат да произведуваат енергија.

-Денес, заедно со директорот на Центарот за развој на Скопски плански регион потпишавме договор кој обезбедува значајни финансиски средства за имплементација на фотоволтаични системи во сите основни училишта на територија на нашата општина. Времето во кое живееме, за жал, е карактеризирано со бројни поскапувања, посебно во делот на енергетските ресурси, што од нас како општина, бара да бидеме економични, иновативни и одговорни. Фотоволтаичните системи се одличен начин за користење на обновливи енергетски извори и намалување на зависноста од конвенционалните извори на енергија. Имплементацијата на фотоволтаични системи во училиштата не само што ќе допринесе кон заштеда на енергија и редуцирање на трошоците за електрична енергија, туку и ќе обезбеди еколошка одржливост. Ова е важно и од аспект на едукацијата, бидејќи учениците непосредно, во своето училиште ќе можат да ги увидат придобивките од користењето на чиста и обновлива енергија. Сакам да нагласам дека овој проект го спроведуваме во сите основни училишта на наша територија, со исклучок на ООУ “Климент Охридски” во селото Драчево, бидејќи ова училиште ќе добие сосема нов објект, за што деновиве ќе започне тендерска постапка. Кога тој ќе биде изграден, Општина Кисела Вода самостојно ќе инвестира во поставување на фотоволтаични системи, посочи Ѓорѓиевски.

Му се заблагодари на директорот на Центарот за развој на Скопски плански регион, Јане Мицевски, за неговата посветеност и поддршка.

„Преку ова финансиско партнерство ќе го засилиме нашиот ангажман кон постигнување на одржлив енергетски ефикасен развој во цела Македонија. Воедно, сакам да потенцирам дека Општина Кисела Вода и самостојно продолжува да инвестира во обновливи енергетски извори секаде каде што е можно. Во следните фази, планираме воведување на фотоволтаични системи во градинките, а потоа и во други објекти кои се во наша надлежност-изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски. Потребните финансиски средства за реализација на изведбените работи од проектот се обезбедени од Министерство за локална самоуправа – Биро за регионален развој преку Центарот за развој на Скопски плански регион, како и од страна на Општина Кисела Вода“,заврши Ѓорѓиевски.