Скопје: Живот под мост

Живот во тишина но опкружена со најблиските. Вакво е секојдневието на три годишната Мерсида Мемедовска која е родена со сто процентно оштетување на слухот. Две години со татко и баба и и дедо и живее под мостот на реката Вардар кај скопски Саем, информира 24 Вести. 

Мерсида не е заведена во системот на родени, и нема никакви документи. Родена е како вонбрачно дете. Во болничката листа е заведена како Станковиќ по мајката србинка која сега е почината. Иако таткото Назим во болница ја признал како своја, сепак, за Мерсида не можеле да извадат документи и да ја заведат во системот на државата. За извод од матична книга на родени потребно било државјанство на мајката која го немала бидејќи била странски државјанин, од таткото побаран бил ДНК тест кој тој неможел да си го дозволи. 

Од министерството за труд и социјална политика велат дека ќе постапат на терен.

Уште утре екипи на министерството ќе излезат на терен да утврдат дали детето кое не е влезено во матичната евиденција е влезено во постапка за татковство преку ДНК што е предуслов за вадење на документација. Доколку не е почната постапка за утврдување на татковство тогаш службите ќе почнат постапката по службена должност.

Семејството живее со 5 600 денари кои ги добиваат како еднократна парична помош, таткото продава пластика и така преживуваат. Бараат државата да им помогне со сместување, вадење на документи за малата Мерсида која за неколку години треба да почне во училиште но и да научи да го зборува знаковиот јазик.