Илија Ѓорѓевиќ - информатичар кој го напушти градот и живее во тркалезна куќа во Побожје

Деновиве беше претставен проектот кој нуди многу бенефиции за оние кои сакаат да се преселат од град во село. На оваа тема ТВ Нова разговараше со Илија Ѓорѓевиќ, кој е одличен пример за ваквата миграција.

„Да се преселам на село ме натера мојата заљубеност во природата и желбата да научам нови работи. Се одлучив да го напуштам градот и да започнам многу поспокоен и поздрав живот“, рече тој.

Ѓорѓевиќ е презадоволен од својата одлука и вели дека е среќен што успеал да го избегне брзото темпо на секојдневниот живот во градот.

„Имам 60 кози, 27 јариња, 100-тина кокошки, 10-ина кучиња. Презадоволен сум од животот на село. Радосен што можам да ја имам привилегијата да живеам без да имам потреба да одам секој ден на работа во град. Го избегнувам градскиот метеж.“

На прашање што мисли за новиот проект кој поттикнува бенефиции од преселба од град во село, тој изразува поддршка.

„Ако се остварат целите на тој проект ќе биде многу добро за оние што ќе решат да завртат нов лист, да го напуштат градот, особено ако се љубители на природата. Нашите пртходници живееле од сточарство и обработка на земја, тоа е во нашите гени. Секој кој сака да се пресели, дури и ако нема стретства, треба да аплицира и да се обиде да живее на овој начин. Јас верувам дека било кој може да се навикне на ваков живот. Да се прескокнат бариерите, па одењето на викенди на Водно или надвор од Скопје да се замени со постојано живеење вон градот“, додаде  Ѓорѓевиќ.