Скопјани доцна синоќа се израдуваа на снег

Во доцните вечерни часови, скопјани се израдуваа на првиот снег, кој околу еден часот утрината остави бела покривка на возилата. 

Метеорологот Славчо Попоски пак, вели дека допрва доаѓа студот. 

Во текот на денешниот ден, врнежи од снег со слаб до умерен интензитет ќе има на повеќе места низ Македонија, па така понекаде  и во градовите се очекува формирање на мала снежна покривка, вели Попоски.

Како што објави тој, на планините  и на Скијачките центри се очекува формирање на позначителна снежна покривка (до утринава и до 20 сантиметри, понекаде и повеќе).

Од денес ни следува сув студ, а температурите наутро понекаде ќе се спуштат  и до -10 степени. Преку ден останува многу студено со температури кој на повеќе места ќе се задржат околу или малку над нулата. Понекаде тие ќе останат  и под нулата.

Во Скопје  исто така очекуваме провејување на снег, особено во повисоките предели од котлината и на околните планини.

Сето ова ќе биде проследено и со северен ветер кој повремено ќе биде засилен на интензитет.

Утрово најладно било на Попова Шапка, каде што се измерени -7 степени целзиусови, извести УХМР.

Потоа следуваат Маврови Анови -6, -4 во Крушево, -2 во Прилеп, -1 во Битола, Тетово, Куманово, Крива Паланка, Штип, Берово, 0 во Скопје-Зајчев Рид, Скопје Петровец, Демир Капија, Кавадарци, Охрид, Велес, Виница, 1 во Претор, Струмица, 2 во Дојран, Гевгелија.