Синдикатите на нож го пречекаа барањето на градежниот сектор за укинување на недела неработен ден

Синдикатите на нож го пречекаа барањето на градежниот сектор за укинување на недела неработен ден како поддршка за за нивната фела. Од Синдикатот се согласуваат дека градежништво е занемарено и дека економскиот раст во општеството не го следи економскиот раст во градежништвото и дека градежништвото е во стагнација. Но велат дека нема да дозволат тоа да се подобрува на грбот на работникот.

„Во никој случај проблемите во градежништвото не смеат и не може да се решаваат на грбот на градежните работници со намалување на и онака малите работнички права. Градежниот работник е задолжен со тешка физичка работа која најчесто се одвива на отворено и во екстремни временски услови, на овие работници не смее да им се намалат неработните денови, ниту пак да им се скрати неделата како неработен ден. Продуктивноста се зголемува со почитување на работничките права, обезбедување на реално работно време кое ќе овозможи зачувување на психо-физичките способности на работниците, како и одмор за обнова на работната сила и грижа за семејството“, велат од ССМ.

Ставот на ССМ е дека работодавачите треба да обезбедат здрави и безбедни работни услови, лична заштитна опрема за работниците, нивна обука и оспособување , но и почитување на сите права од работен однос, затоа што човечкиот потенцијал е најважен ресурс во државата.

„Недела – неработен ден, едноставно само ги врати во нормала работниците, ја зголеми продуктивноста за што компаниите кои не работат во недела не осетија никаква загуба за истата законска одредба. Редовното работно време од 40 часа неделно мора да се почитува и во време кога предлагаме 35 часовна работна недела сосема е несериозно некој да предвидува 48 часовно редовно работно време, а да не заборавиме дека на стратешки проекти од национален интерес може да се работи и до 72 часа неделно“, велат од ССМ.