Капиталните проекти ги реализираат странски компании, за македонските остануваат само трошките

Градежните компании излегоа со низа на барања до новата влада. Бараат да се намалат бројот на неработни денови и да се интервенира во Законот за недела неработен ден. Исто така бараат и промена во Законот за јавни набавки каде предлагаат да имаат свој член во Комисијата за желби во областа на градежништвото. Според нив градежништвото стагнира и единствен спас е новата Влада да ги разгледа сите нивни препораки се со цел оваа дејност да биде мотор на македонска економија.

 „Ако во 2013 година градежништвото учествуваше во креирањето на Бруто домашниот производ со 7,1 отсто, со 16, 6 милијарди денари – капитални инвестиции, минатата година 2023 година на рекордно ниво на реализација на капитални инвестиции со 45 милијарди денари може да констатираме дека градежништвото учествува само со 5,5 отсто. Тоа значи дека економскиот раст во општеството не го следи економскиот раст во градежништвото и градежништвото во моментов се наоѓа во некоја стагнација. “

 Градежниците посочуваат дека сите капитални проекти во државава ги добиваат странци и притоа споменаа дека од 19 капитални проекти кои ги гради државата, шест се во застој, на четири проекти им се раскинати договорите, а за три проекти се води арбитража за кои се бара оштета од државата над 45 милиони евра. Официјалните податоци велат дека 96 отсто од реализацијата на капиталните проекти се на странски компании а само четири отсто се ги реализирале домашни градежни фирми.