Што треба да знаеме за интровертите и екстровертите?

Кога некого ќе опишеме како екстроверт или интроверт, мислиме на целосно различни личности.

Photo by Yanapi Senaud on Unsplash

Интровертите се оние кои се повлечени, тивки и неупадливи. Некогаш ги замислуваме како срамежливи и антисоцијални, мислиме дека сакаат да минуваат време сами или во мало друштво, наместо во гужви. Од друга страна пак, екстровертите се друштвени, гласни личности кои секогаш сакаат да се дружат, да запознаваат нови луѓе.

Но, ова често е погрешна претстава за нив.

Двата термини „интроверт“ и „екстроверт“ се за прв пат споменати од Карл Густав Јунг во текот на 20-тите години. Во текот на следните години, овие термини станеле синоним за одредени однесувања и црти на личности. Но, вистината е дека и двата типа на личности се многу посложени од тоа што денеска го знаеме.

Интроверти

Вистина е дека интровертите уживаат кога се сами. Но, тоа не значи дека тие не ги сакаат луѓето или пак дека не се социјални. Тие уживаат во друштвените активности на друг начин, од други причини и количина на време за разлика од екстровертните луѓе.

Често за нив се мисли дека се срамежливи, но вистината е дека да се биде срамежлив и да се биде интроверт се две различни работи. Луѓето кои се срамежливи, се чувствуваат непријатно во друштво на другите, додека пак за интровертите тоа не мора да е така. Многу луѓе кои се природни интроверти не се воопшто срамежливи, туку се само внимателни во однос на својата енергија.

Интровертните личности уживаат во помали дози во социјалните активности, за разлика од екстровертите. За да се биде интроверт, потребно е повеќе енергија за социјални активности, а со тоа и самото дружење, побрзо ги изморува нив. Затоа, потоа им е потребно полнење на батериите.

Интровертите исто така сакаат да планираат и да се подготвуваат. Тие се чувствуваат непријатно ако социјалната активност не е планирана или пак ако е поспонтана и сакаат точно да знаат со кого и каде ќе бидат. Но, тоа не значи дека се антисоцијални. На пример, многу познати личности кои се и социјално активни (Бил Гејтс, Барак Обама и Стивен Спилберг) се интроверти, но ниту еден од нив не е антисоцијален или срамежлив.

Екстроверти

Тие често се карактеризираат како лидери, луѓе кои се гласни и обожаваат да разговараат. Но, како и за интровертите и во ова често се претерува. Како што интровертите не мораат да бидат срамежливи, така екстровертите можат да бидат срамежливи. Овие луѓе посакуваат друштво, сакаат да бидат со другите луѓе, но тоа не значи дека воопшто не се срамежливи.

Додека интровертите добиваат енергија и перспектива додека се сами, на екстровертите им е потребно друштво. Присуството на другите и социјалниот ангажман им помагаат да се фокусираат и да добијат инспирација.

Многу екстроверти денес добиваат инспирација во јавните настапи, продажбата, услужните дејности, образованието и тн. Примери за познати личности кои се екстроверти се Опра Винфри и Мартин Лутер Кинг.

Што влијае на нашата личност? Како стануваме екстровертни или интовертни?

Постои широка дебата за тоа како одиме на едната или другата страна. Нашите најрани интеракции со луѓето сигурно помагаат во обликување на нашето социјално однесување и начинот на кој се чувствуваме пријатно. Затоа е важно децата да се социјализираат во текот на раната возраст. Тоа не само што им помага да научат како да се однесуваат во интеракцијата со другите, туку и самата интеракција може да биде интересна за нив.

Истражувачите посочуваат дека станува збор за гените, односно генетската компонента која придонесува кон тоа како некоја личност ќе гравитира кон едната или другата страна.

Но, треба да знаеме дека интроверт или екстроверт не е апсолутна вистина која е апсолутна вистина и со самото тоа непроменлива засекогаш. Голем дел од нас се однесува на различни начини во различни периоди, во различни социјални контексти, па корисно е да се набљудуваме себеси во различни ситуации и да препознаеме што ни е потребно.