Раичевиќ: Штетата во случајот со ваучерите на АМС изнесува 5 милиони евра

Обвинителката Лидија Раичевиќ вели дека случајот со ваучерите на Агенцијата за млади и спорт по многу нешта е специфичен и ќе се врши темелна истрага на преземените дејствија.

„Случајот по многу нешта е специфичен, особено поради бројот на обвинетите, поради природата на кривичното дело, поради настаните кои се случувале и особено поради штетата која што е настапена, многу висока, изнесува над 5 милиони евра“, рече Раичевиќ

Во врска со суштината на постапката, таа појасни дека има повреда на повеќе прописи.

„Тоа што во постапката која што беше системско решение за финансирање на спортот преку ваучерите, формирањето на законските тела, Централната комисија за евалуација на ваучери, овластувањата на директорите на АМС, не се испочитувани согласно Законот за спорт, согласно правилниците кои што предвидуваат почитување на строги критериуми за да може некој да добие ваучер“, појасни обвинителката.

Претседателот на Македонскиот Олимписки Комитет, Даниел Димески, пред денешното судење информираше дека поднел пријава против обвинителката Раичевиќ со наводи за неосновано гонење.

Во врска со прашањето за оваа кивична пријава, Раичевиќ рече дека треба да се преземат мерки тоа да не се случува во иднина.

„Кривична пријава се поднесува кога постојат основни на сомнение за кривичното дело. Фронталниот дел помеѓу мене и обвинет ќе го задржам на она што е предмет во судницата, да расправаме за кривичното дело, а не за парцијалните обвинувања“, рече таа.

Судењето за случајот со спортските ваучери на Агенцијата за млади и спорт денеска беше одложено за 9 јули, откако на првото рочиште денеска не се појави првообвинетиот Дарко Каевски. Авокатот на Каевски, Петре Шилегов кажа дека неговиот клиент е на домашно лекување откако му бил извршен оперативен зафат на тетивата.

Во случајот, освен Каевски, обвинети се и директорот на АМС, Наумче Мојсовски и претседателот на Македонски олимписки комитет, Даниел Димевски, потоа Огнен Стојановски, Ѓорѓи Тасев, Наташа Смилевска, Бејтула Емини, Дриљон Леши, Мијази Елмазов, Иван Миновски, Даниел Каров и Сашо Поповски.

Според информациите од Јавното обвинителство, постапувајќи по поднесената иницијатива од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), надлежниот јавен обвинител поднел обвинителен предлог против 12 луѓе за кривични дела „злоупотреба на службена положба“ и за „несовесно работење“.

Судењето го води судијката Џенета Бегтовиќ, а застапник на обвинението е обвинителката Лидија Раичевиќ.