Професорите од УКИМ: Пријавата против ректорката Ангелова да биде приоритет за антикорупциската комисија

Професори на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ бараат од антикорупциската комисија пријавата против ректорката, Билјана Ангелова, да биде приоритет.

Професорите во писмо до медиумите велат дека поминаа повеќе од дваесет дена од поднесувањето на пријавата за прекршување на законот од страна на ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Билјана Ангелова, до Државната комисија за спречување на корупцијата.

- Сето она што го наведовме во пријавата за нас укажува дека лицето Ангелова не само што со години го прекршува законот туку и личниот интерес и интересот на бизнисот го има поставено над интересот на Универзитетот. Дури и натаму перманентно се случува урнисување на УКИМ поради личните бизнис-интереси на Ангелова, за нас надеж дава јавно објавената информација дека Комисијата постапува по пријавата. Затоа и јавно апелираме до Државната комисија за спречување на корупцијата овој предмет да има приоритет бидејќи станува збор за работењето и за интегритетот на најстариот универзитет во земјата. Истовремено, апелираме до Комисијата да не подлегнува на обидите за притисок од лицето Ангелова за што сведочи и злоупотребата на името на УКИМ за негирање на фактите и јавно достапните информации и за своите одлуки да ја извести јавноста преку јавно соопштение или прес-конференција. Апелираме и до сите други надлежни институции да соработуваат со Државната комисија за спречување на корупцијата во врска со овој предмет и за сите наводи да постапат во рамките на своите надлежности за да се заштити Универзитет ‘Св. Кирил и Методиј’ во Скопје, се вели во писмото.

Оттаму додаваат дека Ангелова од позиција на проректор и сега ректор на Универзитетот вршела и врши настава и на приватни т.н. академии, па уште еднаш јавно прашуваат: „Дали за Ангелова бизнисот со приватни академии е поважен од државниот УКИМ, кој затоа тоне? Дали Ангелова свесно го урнисува УКИМ со фаворизирање на приватниот бизнис?“

Професорите велат и дека само два дена по нејзиниот избор за ректор на УКИМ, јавно, со реклама и видеообраќање, Ангелова повикува на упис на приватната „Прогресив академија“. Притоа и лажно тврди дека таа е единствената академија на која се стекнуваат знаења, кои се дел од првиот, вториот и од третиот циклус студии на Економскиот факултет во Скопје, но и дел од наставата на Економскиот институт.

Само десет дена пред од функцијата проректор за финансии да премине на функцијата ректор, велат професорите, таа е и водечкото лице за повикување за упис на приватната т.н. академија.