Принцот Филип пренесен да закрепнува во друга болница

Деведесет и девет годишниот сопруг на кралицата Елизабета Втора, принцот Филип, е пренесен назад во приватна болница во Лондон по успешната интервенција на срцето, соопшти Бакингемската палата, изразувајќи надежи за негово закрепнување.

Војводата од Единбург, кој во јуни ќе наполни 100 години, беше префрлен од државната болница „Свети Вартоломеј“ во болницата „Крал Едвард VII“ во центарот на Лондон.

– Се очекува војводата да остане в болница на натамошно лекување уште неколку дена - се наведува во соопштението.

Овој потег следи речиси три недели откако поранешниот поморски офицер првпат беше примен во „Крал Едвард VII“ на 16 февруари, откако објави дека не се чувствува добро. Во понеделникот тој беше однесен на тестови за постоечко срцево заболување. Тој беше подложен на интервенција во средата, за која се претпоставува дека е поврзана со стент поставен во 2011 година. Неговиот подолг престој в болница предизвика страв за неговото здравје, со оглед на неговата поодмината возраст, но официјалните лица на палатата веднаш го поврзаа тоа со Ковид-19.

Принцот Филип и кралицата Елизабета Втора, која е на 94-годишна возраст, ја примија првата доза на вакцина против коронавирус во јануари во замокот Виндзор, западно од Лондон, каде се изолирани речиси една година.