Повлечи линија и заборави на сите правила со кои те труеле цел живот!

Драга пријателке,

Не мораш ништо да ми објаснуваш. Гледам дека ти е тешко и знам дека тоа трае веќе некое време. Ја чувствувам твојата болка, го забележувам твоето страдање. И јас патам заедно со тебе, иако ти тоа не го знаеш. Гледајќи те тебе, се гледам себеси. И јас некогаш се чувствував така. Ми се враќа тоа ужасно чувство на осамена душа. Тоа одвратно чувство на беспомошност. Не можеш ништо да направиш, а животот те грабнал, те стиснал, те гуши и не ти дава мир. Знам дека сега не гледаш излез. Душата ти е завиткана во црнила.

Но, морам да ти кажам нешто, иако ти не сакаш да го чуеш тоа во овој момент. Сѐ е во твои раце. Секогаш и било. Како што беше и во моите кога мене ми беше тешко, иако јас тогаш не го знаев тоа. Некако сите ние го привлекуваме она лошото во нашите животи преку своите црни мисли, стравови, комплекси и несигурности. Немој одма да одмавнуваш со раката, немој да се муртиш. Само дај ѝ шанса на оваа можност. Ако ја прифатиш теоријата дека имаш моќ самата да си го загорчиш животот и ја прифатиш таа огромна одговорност, тогаш брзо ќе сфатиш дека имаш исто толкава моќ и да го поправиш, нели? Помисли само на огромниот потенцијал кој е пред тебе.

Повлечи линија. Сѐ што било досега и сѐ што те распарчува е резултат на минатото, на твоите одамна минати размислувања, одамна усвоени ставови, одамна изговорени зборови. Ако успееш да го заборавиш тоа, да ги фрлиш сите работи во ѓубре и тргнеш напред, вооружена со нови мисли, свежи ставови и конструктивни зборови и дела, оваа луда сегашност наскоро ќе стане минато на која понекогаш ќе се сеќаваш кога ќе уживаш во своите успеси. Да, толку е едноставно. Да не ти се верува, нели?

И јас и ти добро знаеме колку си ти силна, издржлива, способна и паметна. Сигурна сум дека нема да дозволиш да те победат овие тешки времиња. Тешките времиња доаѓаат и си одат, а ти остануваш. Мене ми изгледаш како Монт Еверест, кој стои исправено, гордо и високо, трпеливо чека да помине бурата и да дојде сонцето. А следната бура нема да биде толку страшна, нема да изгледа толку безизлезно. Нема, затоа ќе знаеш колку посилна, помудра и помоќна си станала во меѓувреме. Ќе знаеш дека ако твојот живот зависи од твоите мисли и зборови, тогаш ти ја имаш моќта да ги контролираш и да управуваш со нив. Ќе знаеш дека не треба да го прашуваш Бог каде си згрешила, затоа што тоа е рецепт за пропаст. Ќе го прекинеш тој налет на умствени деструкции, ќе ставиш прст на чело и ќе си кажеш: „Јас можам да надминам сѐ.“ Со тие мисли ќе тргнеш од дното и набргу ќе стигнеш до врвот – како победник!

Послушај ме. Собери сила, собери оптимизам и верба. Не им дозволувај на сомнежите да те шутираат, ниту на стравовите да те шамараат. Додека се качуваш, не гледај надолу, сконцентрирај се на целта. Не си наоѓај глупави оправдувања. Заборави на годината, на времињата, на тоа што мислат другите. Заборави каде живееш. Заборави на сите правила и „вистини“ со кои те трујат цел живот. Каде пишува дека животот мора да биде тежок? Каде пишува дека чесниот човек не може да успее?

Во нас живее сила која не ја познаваме, која не можеме ни да ја дефинираме. Таа сила те довела на овој свет со некоја причина, за некоја цел која само ти можеш да ја исполниш. И тоа го знаеш. Го чувствуваш во себе. Направи чистка во главата. Исфрли ги негативните работи и сѐ она што те влече надолу. Не се грижи, лесно ќе ги препознаеш тие мисли. Тоа се мислите кои те прават нервозна, исплашена, недостојна, мала. Исфрли ги. Замени ги со нови, контруктивни и моќни.

А потоа чекај и гледај како се случуваат чуда. И јави ми се, за да се радуваме заедно!