Повеќе од 60 вработени од општина Карпош останаа без работа

Новиот градоначалник на општина Карпош, Стефан Богоев, преку смс им соопштил на вработени во општината дека за нив престанува работниот однос. Од општината велат дека станува збор за луѓе кои не биле редовни на работа, а од ВМРО ДПМНЕ обвинуваат за партиски реваншизам.

На 31 октомври по завршувањето на работното време 42 општинари добиле смс од Агенцијата за посредување дека нивниот работен однос е прекинат. Лицата со средно и со високо образование, вработени во различни сектори во општината, обвинуваат дека се работи за партиски реваншизам и прашуваат по кои критериуми биле токму тие селектирани да им заврши работниот однос.

Меѓу нив сe лица пред пензија, родители на малолетни деца, лица чија плата од општината била единствен извор на егзистенција. Револтирани се што новиот градоначалник не ги повикал да им образложи зошто останале без работа.

Градоначалникот Стефан Богоев ги демантира изјавите на отпуштените работници. Тој тврди дека се работи зa луѓе кои не биле редовни на работа. Според Богоев општината е пренатрупана и во неа има повеќе вработени од било која друга скопска општина.

Во општината Карпош 90 лица работат на одржување на хигиената, а останатите се во администрација. Меѓу нив има уште кои се ангажирани преку агенција. Богоев вели општината се соочува со лоша финансиска ситуација, но и покрај тоа многу е рано да каже што ќе биде со останатите вработени, бидејќи поминала само една недела откако е на функцијата градоначалник.

Наместо живот за сите како што лажеше СДС, веќе над 60 луѓе од Карпош и Делчево добија отказ од работа. Toa се 60 семејства кои остануваат без егзистенција. СДС почнува пресметка со секој еден кој не е СДС. Сите инстанци на власта контролирани од СДС почнуваат со партиски реваншизам и бркаат луѓе од работа по желбите на локалните партиски шефови, стои во партиското соопштение што утрово го испрати опозицијата.

„Реваншизам и отпуштање од работа на луѓе кои не се СДС, партијата спроведе и во Карпош, Стефан Богоев без основни средства за егзистенција уште во првата недела од своето владеење остави без основни средства 50 луѓе, кои ги избрка од работа“, велат од опозицијата и додаваат дека актуелната власт се води според
максимата „или си со нас или не си со нас“, па  на оваа основа следува соодветна санкција, бркање од работа, малтретирање и доведување до работ на егзистенцијата.