Повеќе од 50 концерти на јубилејниот „Таксират“

Утре, 29 ноември, во Скопје почнува 20. издание на фестивалот „Таксират“, чија програма ќе се одржува до 8 декември.

Во програмата за јубилејното издание, „Таксират“ во претстојните денови пред својата публика ќе претстави повеќе од 50 музички концерти, а во рамки на првиот од низата настани, на ПИН-конференцијата, Скопје ќе биде домаќин и на повеќе од 100 странски делегати, значајни имиња и експерти од европската музичка индустрија.

Почетокот на програма е токму со меѓународната ПИН-конференција, која по петтипат го претвора Скопје во центар за средба на професионалците од регионалната и европската музичка индустрија, а која годинава од 29 ноември до 1 декември ќе се одржува во Младинскиот културен центар. Првиот ден на конференцијата е резервиран за македонскиот панел „Љубов ли е ова или панаѓур?“ посветен на најгорливите теми за културната сцена кај нас и со кој ќе имаме ретка можност за дебата помеѓу јавната администрација и граѓанскиот сектор од областа на културата.

Вечерта, на 29 ноември, во Дансинг сала во МКЦ е и официјалното отворање на „Таксират“ со концерт на  Неле Карајлиќ, сејугословенската легенда од „Забрањено пушење“ и „Топ листа надреалиста“, кој се враќа во нему блискиот град Скопје со концертен настап по повеќе од 20 години.