Постапката за изградба на Чебрен се поништува, Грчката фирма не кажува зошто се откажува од проектот

Во тек е подготовка на информацијата со која Владата ќе биде известена дека проектот за изградба на Чебрен е пропаднат рече министерската за животна средина и просторно планирање Каја Шукова. Таа дополни дека нема добиено информација од грчката компанија зошто се откажале од проектот. 

- “До денеска утрово додека бев на работа се уште немаше ништо од грчката компанија, а подготвуваме веќе информација на Влада и подготвуваме одлука заедно со правниците и консултантите на наредната седница на Влада оваа информација ќе оди за поништување и за затворање на процесот за Чебрен, изјави Шукова на новинарско прашање по денешната панел- дискусија во Скопје во рамки на кампањата на Владата „Европска иднина, поблиску од кога било“.

Министерката веднаш после нова година на 3-ти јануари ја информираше јавноста она што некое време се шпекулираше дека ППЦ-Архиродон нема да започне со изградба на најголемиот инфраструктурен проект во Македонија.

ППЦ-Архиродон на 14 септември 2023 година беше избран за најповолен понудувач на 14. тендер за изградба на реверзибилната хидроцентрала ПАХЕ „Чебрен“. Подоцна имаше забелешки на јавниот повик и до крајот на 2023 година требаше да одлучи дали ќе продолжи со проектот. Првично одлуката требаше да ја донесе до 14 декември, но Министерството за животна средина и просторно планирање го продолжи рокот до 15 јануари 2024 година заради жалбената постапка која беше во тек, но банкарската гаранција им важеше до 31 декември 2023 година.