Порака на денот: Животот не е мед и млеко, но некогаш самите го комплицираме

Некогаш мислиме дека нашиот живот е тежок и дека другите живеат подобро.

Photo by Quan Nguyen on Unsplash

Некои луѓе се соочуваат со тешки животни проблеми и ситуации, па кога ќе ги погледнеме се прашуваме од каде имаат толкава сила. Иако секој од нас чекори по своја патека, сепак начинот на размислување и пристапот кон животните ситуации се она што ги разликува луѓето едни од други.

Живееме во време кога еден од нашите најголеми непријатели се стресот и анксиозноста, сите состојби кои го нарушуваат квалитетот на нашиот живот. Одењето кај психотерапевт е секогаш вистинскиот избор, но понекогаш е добро да научите нешто од луѓето за кои сметате дека се опуштени, никогаш нервозни и ретко под стрес. Со други зборови, да ги копирате мирните луѓе што ги познавате.

Ништо нема да решите ако постојано се грижите

Ако постојано сте водени од грижи каков ќе ви биде животот за неколку месеци или години отсега, треба да знаете дека никогаш нема да бидете во право. Напротив, само ќе се уморите. Колку пати искуството ви покажало дека без потреба сте се грижеле за некоја ситуација, која на крајот испаднала сосема добро? Потрудете се да живеете во сегашниот миг и да се водите од тоа што ви носи тој во моментот. Не можете да го поправите минатото, не можете да ја смислите иднината, имате контрола само над овој момент СЕГА. Имајте го на ум тоа секогаш кога вашите мисли ќе залутаат и ќе добиете наплив на негативни емоции и грижа за она што би можело да биде.

Престанете постојано да ја барате среќата

Животот е еден. Некогаш мислиме дека немаме доволно време за да ги изживееме сите искуства. Можеби е така, но нели е подобро да уживаме отколку постојано да брзаме и да се бориме со времето? Не морате да се убедувате себеси и постојано да им се правдате на другите дека сте зафатени. Потрудете се да се посветите на оние работи кои ви се приоритетни, а потоа два пати размислете дали некоја ситуација, личност или работа го заслужуваат вашето внимание.  Некогаш среќата е веќе тука во нашиот живот, а ние сме фокусирани на тоа да ја најдеме по секоја цена.

Не должите никому ништо

Најголем дел од грижите на Балканот доаѓаат со тоа што мислиме дека им должиме на децата, на родителите, на соседите, на роднините. Важно е да се биде добра личност, важно е да сме тука за другите, да им даваме поддршка. Но, што ќе постигнеме ако постојано ги ставаме другите на прво место, а забораваме на себеси? Имајте на ум дека секоја личност во вашиот живот внесува поинаква енергија. Постојат и оние кои носат темнина со себе. Вие не можете да го промените тоа, но можете да го промените својот пристап. Не им давајте премногу време и внимание на луѓето кои само ве трошат и измачуваат.

Спијте доволно

Никогаш не правете компромиси за добриот сон. Спиењето е клучно за енергија во текот на денот, но и за сите ментални функции. Научно докажано е дека луѓето кои не спијат доволно се соочуваат со зголемено ниво на стрес, вознемиреност, а во некои случаи и депресија. Ако не сте спиеле добро во текот на ноќта, дозволете си кратка попладневна дремка.