Порака на денот: Дозволете си себеси да бидете малку себични

Обично сите ни велат дека себичноста е лоша. И да, до некаде се во право. Особено кога под себичност подразбираме: повредување на туѓите чувства, измамување, правење сплетки и сопки, трачарење, лажење за своја корист, итн.

Но, има одредени моменти кога човек мора да си дозволи да биде себичен. Да земе длабоко воздух и да се стави себеси на прво место. Постојано трчаме и се трудиме да ги задоволиме сите, а на крај повторно сите нѐ критикуваат, се расправаат со нас и не им е по мерак она што сме го направиле. И да, секогаш ќе има некој кој ќе биде незадоволен, тоа е сосема нормален дел од животот.

Не смееме да газиме и повредуваме други луѓе, но не смееме да се заборавиме себеси и нашите потреби. Понекогаш е во ред да кажете НЕ доколку не ви се прави нешто, не морате секогаш да скокате и да исполнувате туѓи желби. Дозволете си себеси да уживате во животот и да правите работи кои баш вас ве прават среќни.

Дозволете си себеси да бидете малку себични, разгалете се и уживајте! Тоа не значи дека правите лошо на другите, туку дека правите добро за себе, без да повредите никој во процесот!