Попоски: Летото сè уште не е завршено, за викендот температури над просекот за овој период од годината

Метерологот Славчо Попоски на својот Фејсбук профил најави дека под влијание на изразено јужно воздушно струење, во следниот период, особено во петок и во сабота се очекува големо затоплување на времето и голем пораст на температурите на воздухот. Времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Во текот на ноќта кон недела ќе има преодно дестабилизирање со локален пороен дожд, соопшти УХМР.

Минималната утринска температура ќе се спушти до осум, а максималната дневна ќе достигне 29 степени.

Времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Утре и во сабота, и тоа поради значително понискиот воздушен притисок во западна европа, како и многу повисокиот воздушен притисок во источна европа, кај нас ќе биде многу ветровито, односно ќе дува засилен, повремено силен ветер од јужен правец (повремено и локално со брзина од над 65 км/час).

Нови врнежи од дожд, и тоа во западните предели од Македонија ќе има во сабота навечер, како и во текот на ноќта кон недела и во недела. Ќе има услови и за локална нестабилност, проследена со грмежи.

Температурите ќе бидат значително над просекот за овој период од годината, и максималните дневни температури на воздухот ќе се искачуваат во интервалот од 22 до 28 степени, наутро пак тие исто така ќе бидат значително повисоки и ќе се спуштаат во интервалот од 7 до 16 степени.

Поради силното јужно воздушно струење, во петок и во сабота од Сахара кон нашата територија ќе се врши транспорт на прашина и на песок, па така и атмосферата ќе биде заматена, а времето ќе биде мачно и спарно и токму ова особено лошо ќе влијае врз метеопатите, лошо влијаат и брзите промени од топло на ладно и обратно.