Поднесено обвинение против жител на Грчец, и се заканувал на новинарка и барал да избрише текст што го напишала

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против жител на Грчец кој сериозно и се заканувал на новинарка поради напишан текст. Тој и упатувал заканувачки пораки преку лажен профил со што кај неа предизвикал чуство на несигурност и страв.

„Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје денеска достави обвинителен предлог против 31-годишен жител на селото Грчец за кривично дело загрозување на сигурноста од член 144 став 5 во врска со став 4, како и ставовите 1 и 2 од Кривичниот законик.

Обвинетиот по пат на информатички систем сериозно ѝ се заканувал на една оштетена дека кон неа ќе изврши кривично дело за кое е пропишана казна затвор од пет години или потешка казна. Заканите ги упатувал поради нејзиниот општествен статус како новинарка, а во врска со вршењето на нејзините професионални задачи, кои ги презела во рамките на своите овластувања.

Со намера да ја вознемири и исплаши, тој упатувал заканувачки пораки кон новинарката преку лажен профил на една социјална мрежа барајќи од неа да избрише текст што го напишала и објавила, со што кај оштетената предизвикал чувство на загрозување, несигурност и страв“ се вели во соопштението на обвинителството.

Од МВР го идентификувале заканувачот на кој според кривичниот законик му се предвидува казна затвор од една до пет години. Со овој случај вкупниот број на регистирани напади кон новинари и медиумски новинари се искачи на бројката пет. Во три случаи сторителот е идентификуван и е поведена постапка. Од нив, во два предмета, врз основа на поднесените обвиненија, веќе е изречена и пресуда против сторителите на кривичното дело.