Поднесени повеќе кривични пријави против дилери на дрога

На 07.07.2023 на регионалниот пат Куманово - Скопје, во атар на село Черкези, полициски службеници извршиле преглед над пријавениот М.С., при што пронашле и одзеле хероин. Од тие причини СВР Куманово поднесе кривична пријава против М.С. поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори”.

Другиот случај ни доаѓа од Кичево каде надворешната канцеларија за криминалистички работи има поднесено кривична пријава против Р.М.(47) од село Туин, кичевско. На 06.07.2023 на регионалниот пат Кичево-Осломеј, полициски службеници извршиле преглед над пријавениот, при што пронашле и одзеле кокаин што и дало причина на полицијата да поднесе кривична пријава против ова лице за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“.

Од МВР велат дека и во Струга надворешната канцеларија за криминалистички работи има поднесено кривична пријава против Б.Б.(43) од Струга поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 16.05.2023 во Струга, полициски службеници пронашле и одзеле хероин, кој претходно го фрлил пријавениот. 

Двата последни случаи во врска со сериите на поднесени кривични пријави против лица кои се поврзани со продажба на дрога ни доаѓаат од СВР Битола каде на ден 13.02.2023 во населба Карпош во Битола, полициски службеници извршиле преглед над лице од Битола и кај него пронашле марихуана, која ја набавил од пријавениот В.Р(40) исто така од Битола. После тоа, бил извршен претрес во домот и помошните простории кај пријавениот, при што, исто така, била пронајдена и одземена марихуана. Во другиот случај СВР, Битола поднесе кривична пријава против С.М.(39) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 14.07.2023 во Прилеп, полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што пронашле и одзеле марихуана.