Со скршеница на черепот и крварење во мозокот завршило во болница 14 месечно девојче кое паднало од зграда во скопски Чаир. Поради сериозноста на повредата детето починало кратко време по приемот.

Трагедијата се случила кога бабата со внуката се симнувала пешки од седми кат бидејќи лифтот не работел. Според кажувањата на соседите, детето на еден од меѓукатовите се отпуштило од раката на бабата и преку скршениот прозорец паднало пред влезот, јавува Сител.

Падот од 2,5 метри височина бил кобен за 14 месечното дете.Соседите и станарите од зградата на Архиепископ Доситеј се во шок и не сакаа да зборуваат пред камера. Велат детето било на гости кај бабата и дедото.

-Многу добри луѓе… Детето, мало, мило, многу убаво, велат соседите.

-Не живеам тука, ќерка ми е овде и на телефон ми кажа што се случило, изјавил еден случаен минувач.

Од полицијата велат дека работат на расчистување на случајот. Но, она што ги загрижува станарите е зошто лифтот во зградата не работи неколку месеци и зошто да има искршени стакла кои се потенцијална закана за сите? Од она што го слушнавме пред зграда е дека дел од нив не сакаат да плаќаат и затоа живеат во опасност.