Општина Аеродром со заложба да го носи предзнакот олимписка општина

„Развој на спортот и унапредување на спортскиот менаџмент кај спортските субјекти“ беше главната тема на настанот што вчера и денеска се одржа во ООУ „Ѓорѓија Пулевски“ во организација на Олимпискиот Комитет на Северна Македонија и Општина Аеродром.

Настанот, меѓу другото, опфати и дебата во која учествуваа претседателот на Олимпискиот Комитет на Северна Македонија, Даниел Димевски, советничката за спорт во Владата на Република Северна Македонија, Силвија Митевска и претседателката на Советот на Општина Аеродром, Ивана Цветковска.

„Општина Аеродром е исклучително посветена на поддршка и развој на спортот, па токму и заради тоа сме препознаени како една од најспортските општини во земјава, но и во регионот. Аеродром на годишно ниво издвојува околу 500 илјади евра за поддршка на олимписките спортови, како што се кошарката, фудбалот, ракометот, каратето, обезбедивме бесплатни часови по пливање на дечињата со посебни потреби, а континуирано го помагаме и кик боксот, кој изминатите години е многу актуелен спорт кај нас“, истакна Цветковска. Таа потенцираше дека заедно со Владата и Македонскиот олимписки комитет, Општина Аеродром работи на еден од најголемите спортски инфраструктурни проекти – Дом на спортовите, кој ќе биде сместен покрај кејот на реката Вардар. „Нашата заложба во иднина е Аеродром да аплицира и да стане прва Општина во Македонија која ќе го носи предзнакот олимписка општина“, истакна Цветковска.

Претседателот на Олимпискиот Комитет на Северна Македонија, Даниел Димевски истакна дека спортските клубови, особено училишните спортски клубови се основа на спортот, каде се врши детекција на млади спортски таленти кои имаат потенцијал да прераснат во идни врвни спортисти и спортистки. „Затоа ние ја препознаваме потребата да ги поддржиме и да инвестираме во нив, градејќи ги капацитетите на спортските и раководни структури. Целиме кон создавање на прогресивни и инклузивни спортски организации кои ќе бидат расадник на успешни  спортисти и спортистки“, рече Димевски.

Советничката за спорт во Владата на Република Северна Македонија, Силвија Митевска нагласи дека редовната партиципација во спортот и физичката активност обезбедуваат многубројни општествени и здравствени бенефити.

Денеска во рамките на настанот свое предавање пред спортските работници и професорите по физичко образование од територијата на Општина Аеродром одржа генералниот секретар на Олимпискиот Комитет, проф. д-р  Сашо Поповски.  Тој го доближи и прошири знаењето во делот на функционирањето и менаџирањето со спортските училишни клубови и федерации. На крајот на предавањето на сите учесници свечено им беа доделени сертификати од страна на претседателката Цветковска.