Општина Аеродром потпиша меморандум за соработка со „Реди“

Вчера и денеска во Скопје во организација на Иницијатива за Економски Развој на Ромите – РЕДИ се одржува вториот меѓународен „РЕДИ самит“.

Во рамките на настанот, вчера свое обраќање имаше и градоначалникот Тимчо Муцунски кој во име на Општина Аеродром потпиша меморандум со кој општината се обврзува на иницијатива за воспоставување систем за примарна селекција на неопасен отпад и подигнување на јавната свест за селектирање отпад.

„Станува збор за успешен концепт на социјално претпријатие кое заслужува пофалба и поддршка бидејќи го подобрува животниот стандард и работа на неформалните собирачи на отпад, но и ја подобрува состојбата на животната средина во Македонија. Социјалните претпријатија се одлична алатка за вклучување на неформалниот сектор во системот за управување на отпад. Токму поради тоа, Општина Аеродром и понатаму ќе дава поддршка на овој концепт, а потпишувањето на денешниот меморандум е уште една потврда за тоа“, истакна градоначалникот Муцунски на настанот.

Ова е настан кој ги здружува засегнатите страни, односно јавните институции, невладините организации, европските и меѓународните институции, социјалните иноватори и претприемачите, кои дискутираат околу развојот на Ромите во Агендата за зелена и дигитална трансформација на Европската Унија, порачаа од општина Аеродром.