Ново детско игралиште во Тафталиџе 2 и Нерези

Населбите Тафталиџе 2 и Нерези добија ново детско игралиште, во близина на слаткарницата „Рафаело“, по должина на булеварот „Партизански одреди“.

Како што соопштија од Општина Карпош, овој јавен простор целосно е уреден со реквизити за деца, клупи за седење и корпи за отпадоци.

Претходно, Општината организираше и анкета за да се утврди интересот на граѓаните за создавање детска зона во овој дел од населбата. Повеќе од 80 отсто од засегнатите жители дадоа „зелено светло“, а вчера се одржа и маалска дружба, каде што повозрасните заедно со своите внуци имаа можност да се рекреираат. 

Градоначалникот Стефан Богоев најави и други детски игралишта во претстојниот период.

– Следува изведба на детски игралишта и во Карпош 3, во Козле на улицата „Јуриј Гагарин“, Злокуќани, а во финална фаза е и инклузивното игралиште во Карпош 2, на улицата „Веселин Маслеша“, кое што го правиме заедно со Градот Скопје. Оваа година Карпош ќе добие уште четири нови детски игралишта, но ќе продолжиме и со одржување на сите останати, замена на дел од подлогите, санација на реквизитите,… Покажуваме дека јавниот простор може да се користи и за рекреативни цели, за маалски соживот и дружба- изјави Богоев.