Новиот Луна парк во Скопје - два адреналински, шест семејни и 18 детски реквизити

Градот презеде конкретни активности за изградба на новиот забавен парк. Распиша оглас за избор на изведувач на паркот, а истовремено бара да ги купи и потребните реквизити. До крајот на идниот месец би требало да се знае кој ќе го гради Луна-паркот.

Всушност, сега се бара фирма за изведба на првата фаза од забавниот парк, за што надлежните процениле дека ќе треба да платат околу 1,4 милион евра. Проценетата вредност, пак, за изведба на целиот проект (паркот со сите комплетни содржини и реквизити) е 6,5 милиони евра.

Во меѓувреме, треба да заврши постапката за набавка на реквизитите за паркот. Наводно, по барање на економските оператори рокот за достава на понудите е продолжен, и тоа по втор пат. Последен рок сега е до крајот на месецов. Планирано е Луна-паркот да се опреми со два адреналински реквизита, шест семејни и 18 детски реквизити.

Предвидено е новиот Луна-парк да се протега на површина од 82.000 квадратни метри, на местото на постојниот. Паркот ќе го сочинуваат административни објекти, нови забавни реквизити за возење, во согласност со европските стандарди за безбедност, објекти за служење храна и пијалаци, за продажба на сувенири, затворен дел за играње, паркинг... Проценето е дека новиот Луна-парк годишно ќе има 200.000 посетители, најмногу семејства и деца до 15 години.