Жителите на скопската населба Ново Лисиче бараат надлежните да го решат проблемот со сообраќајот на булеварите околу населеното место.
По вчерашната сообраќајна несреќа во која загина една повозрасна жена а нејзината внука со тешки повреди се наоѓа во болница, жителите преку социјалните мрежи алармираат до општина Аеродром и Град Скопје да се постави соодветна семафорска сигнализација.
Дел од жителите бараат и поголемо присуство на полицијата на овие места, бидејќи таму често се вози многу брзо а исходите се фатални.
Уште еден проблем е слабото улично осветлување. Граѓаните бараат од надлежните да се засили осветлувањето на сите 4 булевари околу населбата.
Дел од граѓаните на социјалните мрежи објавуваат и видеа за тоа како изгледа навечер да се живее во близина на булеварот Србија.
„Почитувани, изразувам искрено сочуство до семејството и жалење за синоќешниот инцидент на булевар „Србија“. Утрово веднаш поднесовме иницијатива до Град Скопје за да се најде ново сообраќајно решение за конкретната локација. Секако, наша цел како инсититуција е да превенираме вакви инциденти и во таа насока континуирамо работиме на зголемување на безбедноста на сообраќајот за улиците што се под надлежност на Општина Аеродром. За таа цел е поставена хоризонтална и вертикална сигнализација пред училиштата „Блаже Конески“, „Александар Македонски“, како и пред клонот „Сонце“ на детската градинка „Бубамара“ во Реонски центар. Исто така, ваква сигнализација моментално се поставува и пред основното училиште „Браќа Миладиновци, што е една од локациите што ја имате и самите посочено. Остануваме отворени за дополнителни предлози, безбедноста е еден од основните наши приоритети.“ - напиша грдаоначалникот на Аеродром Златко Марин на социјалните мрежи.