Што предвидува изградбата на новиот клинички центар во Скопје?

Тендерот за изградба на новиот Универзитетски Клинички центар „Мајка Тереза“ објавен во официјалното гласило на Европската Унија. Инвестицијата вредна 70 милиони евра, односно 128 милиони евра за целиот комплекс ја објави на денешната прес-конференција Министерот за здравство Никола Тодоров.

Градежните работи се очекува да стартуваат кон почетокот на 2017-та година, а да финишираат за период од 45 месеци. За време на изведувањето на градежните работи, во ниту еден моемент нема да биде опструирана работата на клиниките во рамки на кампусот.

– „Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ е најголем здравствен комплекс во Република Македонија, на површина од 17 хектари, кој се состои од 32 независни субјекти со вкупен персонал од 3.400 лица, од кои 2.300 лица медицински персонал и 1100 лица административен и технички персонал. Низ комплексот клиники на годишно ниво минуваат повеќе од 800.000 посетители, односно околу 2.200 посетители дневно“, рече Тодоров.

Потенцира дека проектот предвидува изградба на нов Клнинички блок, нова зграда на лаборатории и адаптација и реконструкција на зградата на Хируршките клиники. Објектите на кардиологија, Детска клиника, онкологија, Клиника за инфективни болести, Клиника за гинекологија и Клиника за стоматологија, појасни, ќе продолжат да функционираат во своите постојни објекти интегрирани во локацијата на реорганизираниот Клинички центар, со тоа што Клиниките за гинекологија, хирургија и онкологија ќе бидат и физички поврзани со топли врски со новиот Клинички блок и со зградата на лаборатории.

– Во новиот Клинички блок се сместени: Нуклеарна медицина со радиофармацевтската лабораторија, нуклеарна медицинска IN-VIVO дијагностика, фармација со сите потребни одделенија, клиниките за: офтамологија, оториноларингологија заедно со аудиологија и со сите потребни помошни и заеднички простории, радиодијагностка…, рече Тодоров, истакнувајќи ја и Интензивната нега со предвидените 18 легла на едниот кат и 25 на другиот, односно вкупно 43, како посебни боксови за пациенти со централен мониторинг, стандард кој е повеќекратно зголемување на сегашната интензивна нега, која е океански систем.

– На горниот дел од објектот е предвидена хеликоптерска платформа – посебна конструкција со кружна писта за слетување и полетување – Хелиодром. Тоа значи дека пациентите директно ќе се внесуваат во лифт до соодветната клиника, а нема како досега да се транспортитаат од хеликоптер до клиниката по колички по отворени улици меѓу згради. Новиот Клинички блок е проектиран со вкупно 855 кревети, од кои 720 кревети за болничка нега, 101 кревет за дијагностички функции, интензивна нега и рехабилитација и 34 кревети во дневни болници, рече Тодоров.

Истакна дека операциските сали на првиот кат во новиот Клинички блок се четири и поврзани со комплетно реконструираните 12 операциони сали на објектот на хирургија оформуваат Оперативен блок од 16 операциони сали, кај кои карактеристичен е најсовремениот начин на градба кој содржи монтажни системи на ѕидови и плафони изработени и монтирани од специјализирани компании.

Отворањето на понудите е предвидено за 5-ти декември во 14 часот, преку процедура Банката на Советот на Европа.