Нинџа крадци опремени со софистициран алат и добро изверзирани за алпинистички искачувања, прават пустош во реонот на Водно. Жителите се во паника. Во само неколку дена, на многу специфичен начин биле ограбени неколку станови и куќи. Сите случаи се пријавени во полиција, но засега ниту еден од нив не е уапсен.

Полициските истражители велат дека станува збор за многу специфичен начин на изведување на делата кое можат да го направат малкумина. Најчесто дејствуваат во пар. Како вистински нинџи, влегуваат преку балкон, најчесто од неосветлениот дел од објектите. Влегуваат на балкон и со помош на алат кој не ја оштетува бравата на балконската врата ја отвораат и влегуваат во станот. Нивно “работно време” е приквечер или доцна навечер. Полицајците велат дека крадците однапред знаат каде ќе оперираат. Земаат се што ќе им дојде под рака.

На ваков начин во неделата, петнаесетина минути пред 19 часот во Црниче биле ограбени два стана на третиот кат од зграда, а на заминување застанале на вториот кат, но само што влегле низ балконот, од влезната врата влегол еден од станарите па, крадците со се пленот од претходните два стана избегале низ балконската врата. Крадците влегле исто како и што избегале: преку гелендерите од балконите.

Според полицискиот билтен нинџа крадците се качиле на металните балконски огради се до третиот кат. Во сите станови по вертикала немало никој, така што не биле забележани додека се качувале. Се искачиле до највисокиот темен стан, што во случајот бил на третиот кат. Ја отвориле балконската врата и влегле во првиот стан. За слободно да оперираат, ја повлекле трпезариската маса пред влезната врата. Од таму зеле чанта за лаптоп и парфем и потоа повторно преку балконот се прекачиле во соседниот стан на истиот кат. Влегле во станот и на идентичен начин ја блокирале влезната врата. Ги пребарале сите соби, украле лаптоп, вреден накит и часовници но, на заминување во спалната соба го заборавиле пленот од првиот стан. Се спушиле преку гелендерот на вториот кат, ја отвориле балконската врата, но во исто време слушнале како се отвора влезната врата што ги натерало да избегаат. Сопственикот на станот успеал да ги види додека се симнувале по балконската ограда и како побегнале.

Неколку дена пред тоа на ист начин тие упаднале и во стан на 86 годишна скопјанка. Во станот влегле околу 20 часот. Бидејќи не горело светло мислеле дека нема никој. Но се прелажале. Во темнината не забележале дека во дневната соба спие бабата. Кога почнале да пребаруваат низ станот, жената се разбудила и се исправила пред еден од нив мислејќи дека нејзиниот внук дошол да ја посети. Изненадени и преплашени двајцата натрапници додека бабата се уште била сонлива и не сфатила што и се случува избегале од станот. Веднаш по ова откако жената го вклучила светлото и забележала дека балконската врата е отворена сфатила дека е мета на крадци.

Засега полицијата нема сознанија дали се работи за иста група на крадци кои оперираат во овој реон на Скопје или пак се работи за различни групи кои се добро изверзирани и опремени да влегуваат и крадат кај што ќе посакаат.

Станарите чии станови беа ограбени не се чувствуваат сигурни, па за да се заштитат колку што можат дел од нив ангажираат приватно обезбедување или пак, инсталираат соодветна опрема за видеонадзор.