МВР со апел: Заштитете го домот од крадци за новогодишните празници

Празните станови и куќи, особено за време на празниците, секогаш се привлечни за крадците.

За време на новогодишните и божиќните празници многу луѓе отсуствуваат од своите домови. Тоа е поволна прилика за провалниците, кои буквално го обиколуваат цел град, гледајќи во кои куќи и станови во ноќните часови е изгаснато светлото и каде  можат лесно да влезат од врата или низ прозор.

Не е само изгаснатото светло знак дека во станот или куќата нема никој. Постојат и други начини да се дознае. Многумина размислуваат дека доколку не кажат на сите оти ќе патуваат некаде, тоа е исто како да не отпатувале. Нема подобро место за тоа од социјалните мрежи. Најпопуларните “Фејсбук“ и “Твитер“ имаат многу корисници и никогаш не знаете кој се’ може да го прочита тоа што ќе го напишете вие или некој од вашите домашни. Кога ќе објавите дека ќе заминете на патување, тоа е како сами да сте ги поканиле крадците во вашиот дом.

Ако немате доверливи соседи, би било добро клучевите од станот или куќата да му ги доверите на некој роднина или пријател. 

Парите, златото и другите скапоцени предмети најдобро е за време на патувањето да ги оставите во банка. 

Покрај тоа, вградувањето на сигурносни врати ги спречува крадците оти им треба многу време за да ги обијат. Како добро превентивно средство се покажале и алармите, како и надзорните камери.