Нема економска исплатливост за одржување на железничката линија Белград-Солун, велат од транспорт

Од Министерството за транспорт и врски се огласија во однос на информациите објавени на дел од веб порталите, а се однесуваат на укинување на железничката линија Белград – Солун. Тие велат дека во неколку наврати имале средби со владини институции и железнички компании од Србија и Грција, но дека било констатирано дека нема економска исплатливост за одржување на линијата.

„Во изминатиот период, Владата на Република Македонија преку Министерството за транспорт и врски и МЖ Транспорт -АД Скопје, во неколку наврати иницираа средби со релевантните владини институции и железнички компании од Република Србија и Грција, на кои средби се бараа алтернативни решенија за да не дојде до укинување на железничката линија Белград-Солун. На сите тие средби, од страна на Српските и Грчките железници беше потенцирано дека единствена причина за укинување на оваа линија е непостоење на економска исплатливост за нејзино оддржување“ велат од министерството.

Од таму додаваат дека ниту Министерството за транспорт и врски ниту МЖ Транспорт -АД Скопје имаат можност, ниту надлежност да влијаат врз деловната политика на националните железнички компании во Република Србија и Грција.

Од тие причини, Министерството за транспорт и врски и МЖ Транспорт -АД Скопје остануваат посветени и во наредниот период на изнаоѓање на решение се со цел да се овозможи меѓународен железнички сообраќај.