Неколку инвестиции ќе донесат нови вработувања во Скопје

Компанијата „Мусала софт“ од Бугарија, донесе одлука за инвестирање во Македонија, најавени се и нови 120 работни места од две компании и тоа едната е од Италија, од земјоделската индустрија, која одлучи да инвестира во Битола и неодамна купи земјиште во индустриската зона Жабени, каде што наскоро ќе почне градба на капацитет, а другата е израелска компанија која ќе вработи 80 луѓе во следните 12 до 18 месеци, со план на значително зголемување на бројот на вработените во период од 5 години.

Ова го најави претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, во обраќањето вечерва на свечената академија по повод празникот 23. Октомври – Ден на македонската револуционерна борба, во објектот на Македонската опера и балет.

Премиерот Груевски појасни дека заменик директорот Агенцијата за странски инвестиции Климент Шеќеровски го информирал оти компанијата „Мусала софт“ од Бугарија, која е лидер во нивната дејност, веќе регистрирала компанија во Скопје, има изнајмено простории и започнато со вработувње на висококвалификуван кадар. Нивниот план е да достигнат 300 вработувања за период од две до три години.

Според најавите од министерот Џери Наумов, потенцираше премиерот Груевски, нови 120 работни места же се отворат од две компании. Едната е од Италија, од земјоделската индустрија, во која ќе се вработат 40 лица, а одлучила да инвестира во Битола и неодамна купила земјиште во индустриската зона Жабени, каде што наскоро ќе почне градба на капацитет. Инаку, компанијата користи посебна технологија за производство на преработен зеленчук за извоз, главно во Италија и Германија.  Во втората израелска компанија во која ќе се вработат 80 луѓе во следните 12 до 18 месеци, со план на значително зголемување на бројот на вработените во период од 5 години, ќе се работи како подршка на нивните операции за продажба за нивните европски клиенти. – Педесет од нивните вработени ќе бидат лица кои го познаваат францускиот јазик, а останатите треба да познават италијански, словенски и други балкански јазици. Компанијата функционира во областа на финасиската дејност и активна е во 40 земји, појасни Груевски.

Во портфолиото на Виктор Мизо, како што претходно најавив, рече во обраќањето Груевски, стои дека до крајот на годината две компании ќе ги објават своите донесени одлуки за инвестирање.

– Едната во Струмица за 1.500 лица, втората во Скопје за 500 лица, а ќе следат и две отворања на фабрики на компаниите кои завршуваат со градбата и ќе следи почеток на производство.Тоа е новата, втората фабрика на Технохозе од Италија со нови 150 вработувања, а во декември и компанијата „Кап Кон“ со 400 нови работни места, двете во Скопје. Ќе биде потпишан и најмалку еден нов договор за една нова инвестиција во Македонија, а тоа е договорот со германската „Костал“ за 1.000 вработувања во зоната Охрид-Струга, рече премиерот Груевски.

Американската „Гентерм“, додаде, ќе влезе во финиш на својата нова фабрика во Прилеп во која ќе отвори 2.000 нови работни места и која веќе ги селектираше првите 350 лица.