Наставниците и стручните служби во Центар ги завршија обуките против меѓуврсничкото насилство

Општина Центар додели сертификати на наставниците и стручните соработници од сите училишта во општината кои ги посетија обуките за рано препознавање, решавање и превенција на врсничко насилство – булинг. Обуките беа одржани во соработка со Здружението „Европски соѕвездија“ во КСП Центар-Јадро од страна на еминентни универзитетски професори.

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски денеска при доделувањето на благодарниците порача дека булингот не е наивен проблем туку крајно сериозен и како таков треба да се сфати. Тој им порача на наставниците и стручните лица од училиштата да го применуваат стекнатото знаење од обуките и сериозно пристапат кон решавање на проблемите со меѓуврсничкото насилство.

„Врсничкото насилство не смее да се игнорира. Тоа може да предизвика сериозни последици по здравјето на учениците и семејството затоа ние како локални самоуправи имаме одговорност да ги преземеме сите мерки и активности за поголема безбедност во образовните установи. Нашите наставнички и стручниот кадар ги завршија обуките за рано препознавање и решавање на булингот меѓу учениците и искрено верувам дека новите знаења кои ги добија од професори стручни во областа ќе ги применат во пракса и ќе преземат соодветни мерки кога ќе препознаат меѓуврсничко насилство меѓу учениците. Во оваа прилика ги повикувам и родителите да се вклучат во целиот процес. За искоренување на оваа појава сите три алки се исклучително важни, наставници, стручна служба и родители. Воспитувањето доаѓа од дома затоа да разговараме за проблемите, укажеме на примерното однесување и зборуваме за последиците од исмевањето“, рече Герасимовски пред присутните.

Општина Центар се грижи за здравјето и иднината на учениците затоа вложува во континуирана едукација на образовниот кадар, во подобро утре за децата и следните генерации.