Наскоро голем број огласи за давање земјоделско земјиште под закуп

Во текот на наредните месеци се до крајот на мај ќе има голем број огласи за давање земјоделско земјиште под закуп, а во интерес на земјоделците и на целокупната агро индустрија, најави  министерот  за земјоделството, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски. 

Тој се надева дека земјиштето, кое беше наменето за изградба на карго аеродромот во атарите на општините Свети Николе и Штип ќе биде дадено под закуп на земјоделците.

- Во делот на земјиштето кое што е опфатено таму ќе биде потребно Владата да донесе соодветни одлуки. Ние ќе бидеме и сме во комуникација со министерот за транспорт и врски, бидејќи тоа земјиште е целосно експроприрано земјиште, во сопственост на државата. Потребата и намената беше сосема друга и ние би сакале да го ставиме во функција целокупното земјоделско земјиште и во тој правец ќе оди оваа политика, вели Николовски.

Тој при посетата на Штип најави и дека е подготвен и огласот за давање под концесија на земјоделското земјиште на поранешниот агрокомбинат „Џумајлија“. Станува збор за околу 1.300 хектари земјоделско земјиште, а огласот се очекува да биде распишан во текот на наредната недела.

- Министерството за земјоделство интензивно работи и можеме да испратиме порака до граѓаните и дека ревизијата на земјоделското земјиште, која што ја правиме констатира голем број на неправилности и незаконитости. Раскинавме огромен број на договори и инициравме над 200 тужби по однос на неплатени концесии. Но и ги правиме сите анализи, создаваме еден интегриран систем на управување со земјоделското земјиште заедно со Агенцијата за катстер на недвижности, ги поврзавме електронски сите наши подрачни единици со Агенцијата за да имаме јасна слика, што од земјиштето не е дадено под концесија, рече Николовски