Нови огласи за вработување во администрација - плата над 50.000 денари

Неколку нови огласи за вработување, објави Агенцијата за администрација. Регулаторната комисија за енергетика вработува 4 стручни лица за плата во висина од 47.000 до 54.600 денари.

Оттаму информираат дека имаат недостиг од стручен кадар. Во моментов Комисијата функционира само со 1 електроинженер и вкупно 19 стручни лица. Во финансискиот план биле предвидени нови вработувања, но не се реализирале. Последното вработување во Регулаторна се случило во 2013 година.

Министерството за информатичко општество има 9 отворени огласи за работа за плата до 36.000 денари. Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, пак, вработува помлад соработник и раководител за месечен надомест во износ од 22.500, односно 28.300 денари.

И Државниот пазарен инспекторат објави оглас за вработување на вкупно 16 лица во повеќе градови. Најниската плата е 15.700, а највисоката 25.000 денари. Инспекторатот се соочува со недостиг од кадар бидејќи години наназад имало само одлив на инспектори, а не се вработувало.

Двајца соработници се потребни во Секретаријатот за законодавство во Владата за месечен надомест од 21.000 денари. Министерството за локална самоуправа вработува вкупно 4 лица за плата до 28.300 денари. Советник бара и Националната агенција за европски образовни програми.

Општина Аеродром, пак, има потреба од 200 лица за вршење јавни работи. Ќе бидат вработени на полно работно време, но на определено, до крајот на годинава. Нивната дневница изнесува 550 денари.