Наскоро дистрибуција на Новавакс низ ЕУ

Европската комисија денеска порача дека дозите од вакцината Новавакс треба да пристигнат во текот на неделата по 21 февруари, јави дописничката на МИА од Брисел.

Новавакс е последната фармацевтска компанија со која Европската унија склучи договор за набавка на вакцини, но испораката на дозите доцни.

Според информации објавени во повеќе светски медиуми, Новавакс до сега испратила само многу мал дел од ветените две милијарди вакцини, а ги одложила и пратките за Европа во првиот квартал од 2022.

Портпаролот на Европската комисија, Стефан Де Керсмакер, изјави денеска на редовниот брифинг за новинарите дека ЕУ од блиски ја следи ситуацијата и очекува дозите да пристигнат за помалку од две седмици.

-Земјите членки и Комисијата од блиску ја следат имплементацијата на договорите за вакцини, вклучително и испораката на резервираните дози. Очекуваме првите испораки да пристигнат во текот на седмицата на 21 февруари, ова беше најавено во договорот со Новавакс, рече Де Керсмакер.

Фирмата требаше уште во јануари да ги достави дозите во Европа, но тогаш најави дека ќе има задоцнувања поради административни причини.

Вакцината на Новавакс се состои од две дози и е ефикасна над 90 отсто против Ковид-19.