Нарушувањата во исхраната спаѓаат во најсмртоносни психијатриски болести

Менталното и физичкото здравје се тесно поврзани и речиси нема психичко нарушување кое не е проследено и со некаква физичка манифестација на болест и обратно. Сите знаеме и дека кога се соочуваме со некаква болест, страда и менталното здравје. 

Нарушувањата во исхраната имаат психолошка основа, но сепак, страда физичкото здравје, до степен што пациентот може да биде и во животозагрозувачка состојба поради тоа. 

Заедничко на сите вакви проблеми со исхраната е дека спаѓаат под психијатриски нарушувања, но дека физичките симптоми кои се последица на анорексијата или булимијата, но и другите категории, може да го доведат пациентот до смрт. 

Невнесувањето на хранливи материи не им дозволува на органите да функционираат правилно. Булимијата, пак, ги оштетува хранопроводот, крвните садови и забите. Компулсивното прејадување го оптоварува телото, кое не може да процесира толкава количина на храна. Сето ова е проследено со многу емоционални проблеми, вознемиреност, кризи и лошо расположение. 

Причините поради кои дошло до ова нарушување мора да ги следи стручњак, за да може да се најде нивниот корен, развојот, симптоматиката, а потоа да се решаваат постепено, за да може пациентот да добие време и простор да закрепне. 

Стручната помош е од пресудно значење во ваквите случаи, затоа што покрај физичките симптоми и последици кои може да бидат погубни, овие лица во некои случаи се склони кон самоповредување и суицидност. Поради тоа е потребен професионален пристап во решавање на проблемот.