На површина од 192 илјади метри квадратни ќе никнат нови згради во Расадник

Во Расадник ќе бидат изградени згради на површина од 192 илјади квадратни метри и нов градски парк со површина над 100.000 м2. Моето ветување е исполнето. Избран е концептот за хумано домување наместо бетонизација на Расадник, објави на социјалните мрежи градоначалникот на општината Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.

Со конкурсните решенија, наместо еден милион метри квадратни станбена површина сега ќе имаме 192.400 метри квадратни. За десет пат се зголемува зеленилото, односно наместо 10.000 метри квадратни како што се предвидуваше со ДУП-от од претходното раководство, сега ќе имаме 100.000 метри квадратни зелена површина или еден нов огромен парк во градот

„Сите заедно сме сведоци на почетокот на новата ера на владеење на правото во општина Кисела Вода и на транспарентно водење политики во служба на граѓаните. Денес, финализираме проект, кој претставува своевидна револуција во урбанистичко-архитектонското дејствување во Македонија бидејќи тој овозможи одговорно, транспарентно, стручно и хумано планирање на изгледот на урбаната заедница Расадник. Првпат по изборот на планот на Кензо Танге за обнова на постземјотресно Скопје во 1965 година, распишавме меѓународен конкурс за избор на идејниот лик на ДУП-от за Расадник и денес ги имаме резултатите“, објави Ѓорѓиевски.

Рече дека предлог-планот за Расадник од 2020 година на претходната општинска гарнитура во делот кој денес е зелена површина, односно неизградениот дел од Расадникот, предвидуваше 99 згради и речиси 1 милион м2 станбена површина, а за градежни парцели со намена зеленило имаше површина од приближно 10.000 м2.  

„Сите пристигнати трудови од меѓународниот конкурс, сите денес изложени решенија, како што може и сами да видите, имаат над 100.000 м2 зелена површина, односно Кисела Вода и Скопје добиваат нов градски парк со површина над 100.000 м2, што е 10 пати поголема зелена површина од предложениот урбанистички план во 2020 година. Во однос на станбените објекти, вкупната етажна површина за градење со намена домување во неизградениот дел од Расадникот изнесува максимално 192.400 м2, што е 80 % помала од предлог-планот од 2020 година“, додаде Ѓорѓиевски во фејсбук објавата..