Кисела Вода објави Меѓународен конкурс за идејно решение за Расадник кој е прв ваков конкурс во земјава после 1965 година

Општина Кисела Вода го објави Меѓународниот конурс за идејно решение за Расадник кој ќе биде отворен во наредните четири месеци. Ова е прв Меѓународен конкурс во Македонија после 1965 година. 

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денес на прес конференција ги соопшти сите детали околу конкурсот. На настанот говореа и претставниците од трите стручни столба кои заедно со Општина Кисела Вода ја подготвуваа конкурсната документација, д-р Огнен Марина, декан на Архитектонскиот факултет;  претседателот на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, Мишко Ралев, како и Михаел Димитровски, раководител на одделение за урбанизам и член на УО при Комората на овластени архитекти и инженери.

„Денес финализираме едно големо ветување за одговорно, стручно и хумано планирање на ликот на оваа урбана заедница која во минатото беше поврзувана искучиво со нерационалноста, алчноста и непочитувањето на елементарните урбанистички правила за хумано живеење при планирањето, како и немањето слух за барањата на најзасегнатите-граѓаните кои тука живеат. Ја спречивме намерата на претходното раководство за изградба на 99 згради во Расадник, спречивме катастрофа, а после неколкумесечна сеопфатна подготовка, со големо задоволство сакам да ве известам дека го објавивме Меѓународниот конкурс за Расадник“, истакна градоначалникот Ѓорѓиевски на почетокот од своето обраќање.

Потенцираше дека покрај експертите, во процесот беа вклучени и граѓаните кои даваа свои забелешки и сугестии и кои имаат свои претставници и во Партиципативното тело. Истите се вклучени во финалниот документ кој беше креиран заедно со Архитектонскиот факултет во Скопје, Комората на овластени архитекти и инженери и Асоцијацијата на архитекти на Македонија.

Конкурсот трае до 11 ноември, кога ќе се знае бројот на пријавени трудови и ќе започне процесот на евалуација кој треба да заврши заклучно со крајот на декември оваа година. После речиси 60 години, Кисела Вода е првата општина која се осмели да направи сериозен чекор напред и да ги следи меѓународните стандарди за урбанистичкото планирање, транспарентното работење и водење сметка за јавниот интерес. Градоначалникот Ѓорѓиевски упати повик за учество за учество до целата домашна и меѓународна експертска заедница.

„На крајот, уште еднаш упатувам повик за учество на конкурсот до домашната и меѓународната експертска заедница, до сите оние кои знаат дека кога уредувате јавен простор, вие дизајнирате нечиј дом, нечие соседство, го креирате правецот на развој на тој дел од градот. До сите кои верувате дека луѓето се важни и дека не може да уредуваме градење без да уредуваме живеење“, изјави Ѓорѓиевски.

Задоволство од транспарентното работење на новото раководство на Општина Кисела Вода и изборот преку натпревар на идеи да се обликува јавниот простор, изразија и останатите учесници на денешната прес конференција, претставниците на стручната јавност од областа на архитектурата и урбанизмот. Истакнаа дека ова е насока која ќе треба да ја следат и другите општини, градот и целата држава.