Мобилна апликација ќе ве наградува ако пешачите или користите велосипед во Скопје

Challenger е првата македонска мобилна апликација која сака да направи регионален импакт преку наградување на луѓето затоа што пешачат или се движат со нивниот велосипед по локалните улици.  Секој поминат километар пешки или на велосипед - се брои и вреднува. Колку повеќе зелени километри, толку повеќе Challenger поени кои подоцна носат попусти и награди во локалните бизниси. Дополнително Challenger поставува предизвици и со нивно успешно исполнување, корисниците ќе можат да добијат директни награди.

Позади апликацијата стои млад тим на ентузијасти: Теодора, Стефан, Олга и Митко, кои воедно се основачи и на компанијата GreenIT.

„Живееме во најзагадениот град во Европа, а полека се движиме кон сезоната кога започнува најголемото загадување. Бидејќи сите се повикуваат дека треба да се пронајде решение за аеро загадувањето, решивме ние на свој начин да придонесеме кон решавање на проблемот. Така и ја создадовме Challenger.“, велат тие.

Во иднина Challenger треба да прерарасне во алатка која ќе допринесува на формирање про-активни заедници низ целиот Балкан па и пошироко.

„Ние ја гледаме Challenger како алатка која може да позитивно да ги промени навиките на луѓето во нашиот град. На почетокот сакаме да влијаеме на навиките за одбирање на транспортно средство на луѓето. Односно, сакаме тие почесто да се откажуваат од својот автомобил и повеќе да посегнуваат кон своите велосипеди, пешачење или пак да користат јавен превоз, со цел да допринесеме за намалување на аерозагадувањето“, велат креаторите на апликацијата.

Една од промените која треба да ги донесе апликацијата е намалување на сообраќајниот метеж.

„Скопје е мал град, и веруваме дека навистина не е потребно баш секаде да се оди со автомобил. Со една реченица сакаме Challenger да биде апликација која ќе ги предизвикува луѓето да бидат носители на промените во своето опкружување“, додаваат од GreenIT.

Running Sneakers Store | Sneakers