ММФ: Македонската економија бележи опоравување, да се намали емиграцијата и да се потикне продуктивноста

Македонската економија бележи опоравување по зголемувањето на цените на храната и енергенсите предизвикани од руската војна во Украина. Економската активност во 2023 година беше придвижувана од значителниот извоз како и од намалениот увоз на енергија и таа се движи во насока на зајакнување во 2024 година, оценуваат од Меѓународниот монетарен фонд во соопштение откако Извршниот одбор ги заокружи консултациите во врска со членот IV за 2023 година и го заврши првиот преглед во рамки на аранжманот за претпазливост и ликвидност (PLL) за Македонија.

Во соопштението што денеска го сподели Канцеларијата на ММФ во државава, се укажува дека намалување на емиграцијата и поттикнувањето на продуктивноста се од суштинска важност за повторно забрзување на конвергенцијата на приходите со оние од Европската унија и оти справувањето со овие предизвици, меѓу другото, бара подобрување на деловното опкружување и на владеењето на правото.

-Завршувањето на прегледот им овозможува на властите да имаат пристап до 161,35 милиони специјални права на влечење (SDR) (еквивалентно на околу 200 милиони евра според сегашниот курс или 115 проценти од квотата). Властите имаат намера да повлечат 119,26 милиони специјални права на влечење (или 85 проценти од квотата), а преостанатиот износ да го третираат како сигурност за цели на претпазливост од надворешни шокови, се наведува во соопштението.

Од ММФ оценуваат дека успешното завршување на првиот преглед претставува значаен чекор во насока на зајакнување на економската отпорност на Македонија.

Според ММФ, планираното зголемување на јавните инвестиции, пред сè започнувањето на изградбата на патните коридори 8 и 10-д, дополнително ќе го поттикнат економското опоравување.

-Иако инфлацијата и понатаму претставува предизвик, таа значително се намали поради пониските цени на енергенсите и храната на глобално ниво, во комбинација со монетарното затегнување. Подобрениот надворешен трговски биланс, кој делумно се припишува на острото намалување на глобалните цени на енергијата, заедно со отпорните странски директни инвестиции, ги одржуваат девизните резерви на адекватно ниво. Банкарскиот сектор и понатаму е ликвиден, добро капитализиран, профитабилен, при што нефункционалните кредити се стабилни и се на историски најниско ниво, посочуваат од ММФ.

Дискусиите во врска со членот IV ставиле акцент на среднорочните предизвици. Македонија, укажува ММФ, бележи забавена конвергенција кон ЕУ во последнава деценија, и тоа најмногу поради недоволното инвестирање, големата емиграција и нискиот раст на продуктивноста. Исто така, изложена е на климатски промени и таа ќе биде под влијание на Механизмот за јаглеродно гранично прилагодување на ЕУ (EU-Carbon Border Adjustment Mechanism). Државата има голем потенцијал да ги намали емисиите на јаглерод преку инвестирање во обновливи извори на енергија и деактивирање на старите електрани на јаглен, оценува ММФ.

Гледано во перспектива, наведуваат од ММФ, политиките на властите се фокусираат на континуирана фискална консолидација со цел повторно градење на баферите. Во овој контекст, посочуваат дека Собранието донело кредибилен Буџет за 2024 година, кој таргетира остварување на значителна фискална консолидација и истовремено има простор за приоритетни трошења.

Според членот IV од Основачкиот акт на ММФ, Меѓународниот монетарен фонд организира билатерални разговори со своите членки, најчесто еднаш годишно. Тим од ММФ ја посетува државата, собира економски и финансиски информации и дискутира со официјалните лица во врска со економскиот развој и политиките на државата. По своето враќање, тимот подготвува извештај кој потоа претставува основа за дискусија во рамките на Извршниот одбор.