Манастирот Св. Андреја на Матка – под трајна заштита на државата

Манастирот Св. Андреја – Матка, во општина Сарај, изграден во 1388 – 1389 година, со одлука на Владата е прогласен за културно наследство од особено значење.

Овој верски храм лоциран на 17 км од Скопје, во клисурата на реката Треска, на тешко пристапен терен, претставува еден од ретките манастири во државата во кој се зачувани натписи од времето на подигнувањето и живописувањето на црквата, значајни за нејзината историја.

Според директорката на Управата за заштита на културно наследство Елеонора Петрова-Митевска, црквата Св. Андреја е ремек-дело, пример на доцновизантиско градителство во Македонија, а ја подигнал другиот син на кралот Волкашин, Андреаш, братот на кралот Марко.

“Манастирот до сега имаше својство на споменик на културата, статус добиен со решение од 1968 година. Со донесувањето на Одлуката за прогласување на овој манастир за културно наследство од особено значење, поткатегорија големо значење, се обезбедува воспоставување трајна заштита на доброто и негова категоризација, согласно со Законот за заштита на културното наследство”, вели Петрова-Митевска.

Инаку, овој храм создаден во кризни, турбулентни историски околности, непосредно пред и за време на Косовската битка (1389) а пред освојувањето на Скопје од страна на Османслиското Царство (1392), има високи уметнички вредности и во однос на архитектурата, но и на ѕидното сликарство. Фреските се дело на извонредниот талент и мајсторство на познатиот митрополит Јован Зограф (кој ја има насликано иконата “Исус Христос Спасител и Животодавец” за манастирот Зрзе во 1384 година), но и на монахот Григориј. Во уметнички поглед овие фрески, според зборовите на стручњаците, се новина во македонското средновековно сликарство.

Од гледна точка на нејзината архитектура, пак, црквата претставува сублимат на идејни решенија на една подолга градителска традиција, а истовремено и сакрална градба со локални обележја.

“Таа е релативно мала по своите димензии, комбинација на триконхален план и на крстообразно решение. Била доградена во 1559/1560 година, од кога потекнува и делумно зачуваниот фреско-живопис во нартексот, односно припратата. Фреско-живописот ги манифестира какартеристиките на поствизантиската епоха, а се одликува и со извесна монументалност”, додаваат од УЗКН.