Вељушки манастир кај Струмица - одлична есенска дестинација

Манастирот „Воведение на Пресвета Богородица Елеуса“ во струмичкото село Велјуса или уште познат како Вељушки манастир е одличен предлог за есенска дестинација која вреди да се посети. 

-Ако сте тргнале од Струмица со автомобил, половина час пред изгрејсонце, по изминати десетина километри северозападно од градот веќе се искачувате по вијугавото патче над селото Велјуса, и ете... застанувате пред манастирската порта. Околу вас рурална атмосфера на македонско село кое полека се буди. Лаеж на кучиња, петли, мириси од селските дворишта и кокошарници, од оџаците и огништата во кои можеби веќе крчка појадокот. Пределот не изобилува со вегетација. Ништо што особено би го привлекло вниманието на еден дојденец којшто за првпат е тука. Премногу сте блиску до манастирот за да можете да го видите. Незнаејќи што има од другата страна, внимателно преминувате низ портата... и веќе сѐ се менува“, раскажува една туристка за ова преубаво место. 

-Го слушате само одекот од сопствените чекори по камената патека и ветрот во крошните, додека во изненадување чувствувате како благата источна светлина и мирот со којшто дише ова место ве скротуваат. Оаза... на тишината. Зеленило обрабено со цветни леи и рози. Неодамна засадени дрвја. Со големо внимание и љубов уреден парк во којшто доминираат древната црква и неколку новоизградени манастриски зданија во карактеристичниот македонско-византиски стил на ѕидање - кршен камен со цигла. Висока глетка. Манастирскиот комплекс е сместен на карпесто плато над Велјуса и Струмичкото поле. Зад планинските сртови на Огражден, изгрева сонцето. Саат кулата го означува времето што тече долу во светот, а тука – запира, во „залет кон Вечноста“, ги споделува таа своите впечатоци од овој сакрален храм.

Фото: В. Стојановска, Патувања низ Македонија