Лекарите бегаат од државата. И помладите и постарите. Според податоците на Лекарската Комора, од 220 студенти кои завршуваат медицина во Скопје, дури 173 бараат да одат да работат во странство.

Еснафските здруженија алармираат дека ако продолжи овој тренд, за неколку години ќе нема доволен број на матични лекари и педијатри за најмладите. Здруженијата бараат да  добијат повеќе пари и подобри услови за да можат да го задржат кадарот во државата. Од Комората предупредуваат дека старосната граница кај матичните е 59 години.

Додека Министерството за здравството објавува огласи за ангажирање лекари во скопските клиники и болници, повеќето од македонските специјалисти со работно искуство повеќе од 20 години го фаќаат авионот за Германија, како една од најатрактивните дестинации за работа и доусовршување.

Според информациите, почетничка лекарска плата за 42 часа неделно во Германија е 4.000 илјади евра, без дежурства и прекувремени часови, а во највисоката платена група се лекарите што имаат над 12 години специјалистички стаж и добиваат околу 6.700 евра. Со дежурства, овој износ значително се зголемува, во зависност од платата на лекарите, па саботно дежурство таму е доста атрактивно, бидејќи за тоа се добиваат по 644 евра.

На овој чекор се одлучу и Катерина од Скопје, доктор по општа медицина, која околу 15 години се занимава со оваа професија. После 15 години, решава да стави крај на работата и жевеачката во Македонија. Заминува во Германија.

-Учиш многу. Се жртвуваш. После тоа едвај наоѓаш работа. Работиш во никакви услови и за мизерна плата, со високи казни околу тебе, вели таа.

Наредниот месец таа заминува во Германија заедно со сопругот. Болницата каде што ќе работи и плаќа сместување. Платата ќе и биде далеку повисока отколку во Македонија.

-Нема да жалам за ништо. Знам дека ќе биде тешко на почеток, но тешко е тука. Бев патриот многу време, но не добив ништо. Сакам подобра живеачка за себе и за својата фамилија, вели Катерина.