Кон градоначалникот на Арачиново биле испукани повеќе од 25 куршуми

Со повеќе од 25 куршуми од автоматска пушка беше пукано кон градоначалникот на Арачиново, Ридван Ибраими. Иако се претпоставува дека целта бил Ибраими, ниту еден куршум не го погодил, него туку завршиле во неговиот возач и уште еден вработен во општината. Според првичните информации, напаѓачот најверојатно пукал од растојание.

Досега нема официјални информации за идентитетот на напаѓачот, но се верува дека е лице кое полицијата го познава и има обемно криминално досие. Во тек е потрага по него.

Вчера и МВР излезе со детали од пукањето во Арачиново.

„На 01.04.2024 во 13.25 ч. во СВР Скопје е пријавено дека на влез на с. Арачиново машко лице со автоматска пушка пукало кон градоначалникот на о. Арачиново Р.И., кој бил заедно со уште неколку лица. При тоа повредени се две лица, кои биле заедно со градоначалникот. Градоначалникот не е повреден, а не се точни ниту шпекулациите објавени во дел од порталите дека е повреден полициски службеник. СВР Скопје презема мерки за расчистување на случајот“, соопштија вчера од МВР.

Дежурниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Скопје вчера изврши увид на местото на настанот и даде наредби за собирање на докази и извршување на соодветни анализи, соопшти ОЈО Скопје во врска со нападот врз градоначалникот на Арачиново, Ридван Ибраими, при што беа повредени двајца соработници.