Ќе се отстранат и „Бикот“, „Шмизлата“, „Набљудувачот“ и други скулптури распоредени во централното градско подрачје

„Набљудувачот“, „Шмизлата“, „Бикот“, „Девојчето“ и уште 30-ина скулптури што беа распределени низ централното градско подрачје во 2009 година биле поставувани со решение слично на тоа кога се поставуваат клупи и огради, поточно биле третирани како урбана опрема.

Ова е само една од незаконитоста и самоволието со кое се постапувало и во овој проект што беше своевиден вовед во „Скопје 2014“, а кој беше предмет на ревизија. Работната група при Министерството за култура вчера го доставила елаборатот за проектот „Скулптури“ до министерот за култура, во кој се констатирани низа неправилности и незаконитости во реализација на проектот наменет за разубавување на градот.

Според Мирослав Грчев, претседател на работната група, и за скулптурите како и за сè друго што беше одлука на минатата власт се постапувало самоволно и незаконски.

„Во елаборатот што го доставувме до министерот за култура ги образложивме сите аргументи со кои се укажува на криминално и бесправно работење кога се поставуваа овие скулптури во градот. Тие биле изработувани од уметници, но решението за да бидат ставени во градот, не е воопшто како што треба да има правната запазеност во случајот. Со ова уште еднаш ни покажаа дека урбаниот хаос што го создаваа трошејќи ги народните пари го правеле над законот непочитувајќи никакви регулативи.

За проектот што своевремено (2009) поранешната министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска го најави како особено значаен поради неговата естетска, културна и социјална вредност, беа издвоени 1.200.000 евра. Скулптурите беа изработувани од повеќе уметници, но нивната судбина непосредно по ставањето беше да мигрираат од локација на локација, па во депото на Музејот на современата уметност, а за некои се погрижја и самите автори.

Скопјани секојдневно гледаа како на улиците никнува по некој нов споменик, па за кусо време да ја смени локацијата. Кога почна градежните зафати за „Скопје 2014“, скулптурите беа проголтани од барокните градби, така што несериозниот однос кон проектот што нè чинеше повеќе од еден милион евра, беше евидентиран уште на почетокот.

За авторите на скулптурите уште тогаш беше најавено дека не е предвиден авторски хонорар, туку средствата се наменети само за материјалите.