Вртелешката на плоштад “Македонија” од вчера е размонтирана

Вртелешката на плоштад “Македонија”, која им нудеше забава на најмалите, кои родителите ги шетаа во центарот на Скопје од вчера е размонтирана.

Заедно со неа, спроти Министерството за надворешни работи ќе се отстрани и вртелешката која никогаш не проработи.

Денеска попладнето екипи на Град Скопје веќе го размонтираа едниот карусел. Двете беа поставени кога со Град Скопје управуваше претходниот градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, Коце Трајановски.

Вртелешките се дислоцираат со одлука на скопскиот градоначалник Петре Шилегов.
Оваа одлука беше донесена првенствено по барање на велосипедистите со цел да им се остави поголем простор за движење. Според Град Скопје овие рекреативни елементи го блокираат движењето на пешаците и велосипедистите по кејот.

Едниот карусел ќе се носи во Општина Аеродром, во паркот кај авионот во Ново Лисиче, додека другиот ќе биде преселен во Општина Чаир.