Алаѓозовски: Досега не е побарано отстранување на споменикот ,,Воин на коњ‘‘

Министерот за култура Роберт Алаѓозовски, негира дека е побарано отстранување на споменикот „Воин на коњ“. Тој вели дека по уривањето на „Ќосето“, Министерството моментално не води таква постапка за друг споменик од проектот „Скопје 2014“.

„Немаме активна постапка за отстранување друг споменик освен оној по кој беше постапено. Така што, шпекулации се тврдењата и бранувањето во јавноста дека ќе отстрануваме некој следен споменик“, изјави Роберт Алаѓозовски, Министер за култура.

Информацијата за можно демонтирање на споменикот во центарот на Скопје ја разбранува јавноста, па доцна синоќа 100-тина граѓани се собраа да го бранат „Воинот на коњ“. На ова реагираа од Министерството за култура кое извести дека на плоштадот не се планирани ниту се превземаат активности за отстранување споменици. Денеска министерот Алаѓозовски објасни дека работната група формирана од култура го завршила елаборатот за Воинот на коњ, но по документот требало да се изјаснат уште неколку надлежни институции. Од нивните забелешки зависи како ќе се постапува со споменикот, вели министерот за култура.

„Понекогаш ги контактираме и Јавното обивинителство, Финансиската полиција, СЈО, Општина Центар или Град Скопје и тие на некој начин имаат надлежност во однос на елаборатите и се координираме“, изјави Алаѓозовски.

Инаку Министерството за култура го проверува и Музејот на македонската борба.. Шест члена работна група треба да утврди општествена и стручна оправданост за неговото постоење.

На ова реагира ВМРО-ДПМНЕ. Од опозициската партија обвинуваат дека со таквиот потег, власта предводена од СДСМ покажува дека не се грижи за македонското културно наследство.

Наместо уништување, граѓаните од СДСМ очекуваат да почне со спроведување на реформите и проектите кои ги вети, а кои не ни почнале да ги реализираат, се вели во писмената реакција на ВМРО-ДПМНЕ.