Ќе се градат 33 згради: За станарите на социјалните станови кирија од 15 денари по квадрат

Нови 33 згради за социјално загрозените граѓани ќе бидат изградени до 2020 година, најави директорот на АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење за републиката, Кристијан Трајковски.

Становите ќе бидат мали, со површина од 35 до 45 квадратни метри, а ќе се градат во рамки на проект финансиран со 50 милиони евра од Банката за развој при Советот на Европа и со уште толку средства од буџетот на државата.

– Во тек е усогласување на активностите со Министерствата за транспорт и врски и за труд и социјална политка. Цената за користење на становите е 15 денари по квадратен метар. Разговарано е со Минстерството за труд и социјална политика за цената, се надеваме дека ќе се најде решение тоа да се регулира на поедноставен начин, вели Трајковски.

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, кој вчера го посети акционерското друштво и со Трајковски, разговараше на тема социјални станови, категорично тврди дека нивната распределба ќе биде транспарентна.

– Само едно можам да потврдам, постапката при доделувањето, односно распределбата на овие станови ќе биде најтранспарентна. Јас цврсто стојам на тој став, рече министерот.

Тој додаде дека интенција на Владата е во натамошниот период колку што може да се интензивира изградбата на овие станови за оцијално загрозените, односно за најранливите категории граѓани.

– Директорот ме информира дека зградите иградени во изминатиот период, односно зградите во Кочани со 43 и во Македонски Брод со 10 станови се веќе завршени. Јавен повик ќе има до крајот на оваа или најдоцна почетокот на наредната година. Исто така, сега се градат становите во Струмица и Гостивар, кои треба да бидат готови наредната година. Треба да се градат 467 станови во Скопје, Виница, Пробиштип и Свети Николе и очекуваме во најбрз можен период да се интензивираат активностите и да почне со изградба, информира Сугарески.